
Анализа на интегрирана фотобиореактивна фасада на објектот на ФЕИТ
Dec 8, 2024
2 min read
10
83
Климатските промени, глобалната побарувачка на енергија и сѐ поголемото количество стакленички гасови, како нуспроизвод од процесот на производство на енергија, се главната закана и проблематика со која се соочува човештвото во последните децении. Затоа, одржливоста како концепт има клучна улога во сите сфери на модерното општество и наука, а стремежите за одржливи и ,,зелени“ практики се речиси сеприсутни.
Имајќи предвид дека градежниот сектор е одговорен не само за 35% од глобалното искористување на енергија, туку и за 40% од емисиите на јаглерод диоксид поврзани со производство и искористување на енергија, јасно е зошто примената на решенија што би го намалиле негативното влијание на изградените објекти е клучен и нужен чекор кон основање на поодржлива животна средина.
Еден од можните пристапи за да се реализира ова е со помош на биомимикрија, што подразбира присвојување и искористување структури, модели и системи, директно од природата, со цел решавање сложени проблеми од која било област. Поаѓајќи оттука како почетна точка, примената на биоактивни елементи во фасадите на објектите може да послужи како главна алатка за надминување на горенаведените предизвици.
Со други зборови, биоактивните фасади би овозможиле управување и директно контролирање на топлинската изолација и удобноста на објектот, енергетската ефикасност и ракувањето со отпадните води. А, покрај тоа, јасно е дека тие би имале позитивни ефекти и врз глобалното затоплување, загадувањето и одржливиот развој на едно повисоко ниво. Воведување на т.н. фотобиореактори во градежниот сектор е компактно, незагадувачко и обновливо решение за намалена потрошувачка на енергија, како и намалување на целокупните CO2 емисии.
Во рамките на ова истражување се разгледуваше и биомимичен пристап, односно стратегија за придонесување кон еколошката рамнотежа во Скопје, користејќи алги на дел од фасадата на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Со помош на аналитички пресметки, статистички податоци за енергетската потрошувачка на Факултетот, како и споредба на добиените податоци со податоците добиени од веќе реализиран прототип во Хамбург, Германија, анализиран е импактот на одржливоста на ФЕИТ врз околната средина. Понатаму, разгледани се и дополнителни придобивки од ваквиот иновативен пристап во погусто населените градови како Скопје.
Со цел темелно да се проучат сите аспекти од понудениот концепт, разгледани се и следните прашања:
1. Кои се придобивките од поставување фасада од микроалги и какво влијание има тоа врз животната средина?
2. Дали климата во Скопје е соодветна за фасада од микроалги?
3. На колку начини може да се искористат микроалгите?
4. Како се искористува кислородот испуштен при нормалните животни процеси на микроалгите?

Бојана Илиева
Стефанија Лазаровска
Методија Михајловски - студенти од трета година на ФЕИТ, насока ЕАОИЕ