
Aнализа на можноста за изградба на ветерен парк во областа Флора на планината Кожуф
Dec 22, 2024
2 min read
11
209
Ветерот претставува неисцрпен извор на енергија, чијшто глобален потенцијал повеќекратно ги надминува светските потреби за електрична енергија, ги решава посериозните глобални енергетски и еколошки проблеми, доведувајќи до голема иницијатива за инсталација на ветерници. Научно е докажано дека околу 2% од сончевата енергија се претвора во ветар. Денес, искористувањето на ветерната енергија претставува гранка од енергетиката што има голем подем, како во поглед на технологијата, така и во поглед на порастот на инсталираната моќност на ветерници во целиот свет, а истото се однесува и на Република Македонија.
Од атласот на ветрови за Република Македонија, изработен од американската компанија AWS Truewind LLC со користење на системот MesoMap, утврдено е дека најдобри ресурси на ветар во Македонија има на планинските сртови и ридските предели, најмногу по течението на реката Вардар во југоисточна Македонија, меѓу Кавадарци и Гевгелија, каде впрочем се наоѓа и областа Флора на Кожуф Планина. Во овие предели очекуваната средна брзина на ветрот достигнува 7-7.5 м/с, што овозможува инсталирање на постројки со капацитет од 25 до 33 мегавати.
Проширувањето на зелената енергија значи премин од традиционални кон обновливи извори на енергија, ставајќи го притоа акцентот на заштита на човекот и животната средина. Енергијата на ветерот во денешно време претставува најбрзорастечкиот сегмент во индустријата на обновливи извори на енергија. Спасот од климатските промени, ограничените резерви од фосилни горива, емисиите на јаглерод диоксид и животозагрозувачките влијанија што овие проблеми ги имаат врз човекот и останатиот животински и растителен свет се гледа во интересот за ветерна енергија, како и сите останати видови обновливи извори на енергија. Според податоците на енергетскиот аналитички центар „Ембер“, во глобалното производство на електрична енергија за 2023 година, обновливите извори на енергија учествуваат со 30,25%, од кои енергијата од ветер учествува со 7,82%, а фосилните горива со 60,65%. Користењето енергијата од обновливи извори од 2000 до 2023 година е зголемено за 62%, додека енергијата од фосилни горива бележи пад од 7%.

Бошко Бошков, студент на втора година на Електроенергетика и проектен менаџмент, Факултет за електротехника и информациски технологии