
Како некомпетенцијата влијае врз себепристрасност? Данинг-Кругеров ефект
Feb 3
3 min read
0
10
Вие и вашиот пријател, пред десетина дена започнавте да го изучувате италијанскиот јазик. За тоа време, научивте да кажете десетина, максимум петнаесет реченици. Меѓутоа сметате дека тоа е премалку, дека досега требало да научите повеќе и дека затоа што вие напредувате со такво ниво, останатите би напредувале со исто, ако не и посилно темпо. Од друга страна, вашиот пријател за десетина дена успеал да научи не повеќе од 10 зборови, без притоа да знае граматички точно да склопи реченица на италијански јазик. Сепак, малото познавање на јазикот, не му дозволува да сфати дека напредокот му е многу спор, а и тој не ве консултирал вас за да сфати колку далеку заостанува зад вас. Оваа појава се нарекува Данинг-Кругеров ефект.
Што претставува Данинг-Кругеровиот ефект ?
Данинг-Кругер ефектот претставува когнитивна пристрасност, која се јавува кога луѓето со ниски познавања ги вреднуваат високо. Овој ефект бил опишан за прв пат во 1999 година од двајца американски психолози, Давид Данинг и Џастин Кругер, кои спровеле серија експерименти за да истражат како луѓето ја преценуваат својата компетентност. Заклучокот што тие го извеле е дека луѓето со најмало знаење или вештина во некоја област често имаат тенденција да преценат колку добро ја познаваат таа област, додека експертите многу често имаат тешкотии во проценувањето на нивните способности.

Ефектот на Данинг-Кругер се заснова на двојниот проблем, со кој се обременети луѓето со ниско ниво на знаење: прво, тие не знаат доволно за да ја проценат својата неспособност, и второ, не знаат дека не знаат. Тоа доведува до ситуација во која тие ја преценуваат својата способност за извршување на одредена задача или решавање проблем, бидејќи не се свесни за сите неопходни компоненти и детали, кои треба да се земат предвид. За разлика од нив, експертите во некоја област, кои имаат многу поголемо знаење, честопати имаат поголема свест за комплексноста на задачите и за можните предизвици. Овој феномен доведува до ситуација во која тие се потчинети на скромноста и свесноста за своите ограничувања, што може да се толкува како сомнеж во сопствените способности.
Зошто се јавува овој феномен?
Постојат неколку фактори што ја објаснуваат појавата на овој ефект. Првиот фактор е недостатокот на знаење. Кога некој нема доволно информации за одредена тема, не знае што точно да бара или кои се важните аспекти што треба да ги земе предвид при проценката на своите способности. Вториот фактор е што луѓето со ниско ниво на знаење не се свесни за сите тие компоненти. За да бидеш свесен за својата неспособност, потребно е да имаш познавање на различни техники, стратегии и податоци, кои помагаат во оцена на задачата. Третиот фактор е свесноста за комплексноста на задачите. Луѓето што имаат повеќе знаење, често се соочуваат со фактот дека задачите не се едноставни и лесни како што изгледаат на прв поглед. Тие, исто така, имаат свест за тоа колку многу работи треба да се направат за да се достигне посакуван резултат. Прашањето е, како да го препознаеме и избегнеме овој ефект? Ефектот на Данинг-Кругер е тешко да се избегне, бидејќи често не сме свесни за своето незнаење. Но, постојат некои стратегии што можат да помогнат да се намали неговото влијание: непрекинато учење, за да се избегне преценување на своите способности - важно е постојано да се учи и да се развиваат нови вештини. Самокритичност, односно точното проценување на сопствените способности и свесноста за своите ограничувања можат да помогнат да се избегне ефектот на Данинг-Кругер. За крај, барањето повратни информации, односно прашување на другите луѓе што имаат поголемо искуство може да помогне да се добие појасна слика за своите способности и да се избегне погрешната проценка.
Срѓан Илијевски, апсолвент на Економски факултет – Скопје, УКИМ