top of page

Како била изманипулирана Екатерина Велика?

Feb 3

2 min read

0

18

Потемкиново село е поим што потекнува од историски настан во Русија во 18-тиот век и денес се користи како метафора за лажна или изманипулирана слика на реалноста. Потемкиновото село било создадено од страна на рускиот благородник и војсководец Григориј Потемкин за време на посетата на царицата Екатерина Велика на Крим во 1787 година. Тоа било село што изгледало многу убаво и уредно од надворешна страна, но всушност било само фасада што ја прикривала сиромаштијата и лошите услови на животот на локалното население. 


Григориј Потемкин бил воен и политички лидер, еден од најблиските соработници на Екатерина Велика, и имал многу влијателна улога во проширувањето на руската империја. Кога Екатерина Велика решила да го посети Крим, Потемкин видел можност да ја воодушеви и да ѝ ја прикаже успешноста на руската власт во регионот. Царицата и нејзиниот двор требало да бидат уверени во просперитетот и напредокот на регионот, кој во тоа време бил под руска контрола, но всушност, Крим бил далеку од напреден. Потемкин, знаејќи дека царицата ќе патува низ Крим, организирал лажни села или потемкинови села, кои биле создадени да изгледаат како успешни и просперитетни населби. Тие биле изградени само за да се создаде впечаток на успех, а всушност биле празни фасади без вистинска инфраструктурна или економска позадина.

Потемкиновото село е ефективен пример за манипулација преку визуелно уредување. Градежниците, земјоделците и локалното население биле натерани да изградат лажни фасади на куќи и јавни објекти, со што се создавал впечаток на развиеност и благосостојба. Кога царицата ја посетила оваа лажна населба, сето тоа изгледало многу убаво и организирано, но зад фасадите стоеле неуредни и неразвиени населби. Процесот на создавање на потемкиновото село барал голема организација и ефикасност. Секое од овие села имало иста задача – да создаде илузија на успешност. Фасадите биле изработени од материјали што биле лесни за преместување, а по посетата на царицата, тие биле срушени или преместени. Овој настан се смета за еден од најпознатите примери на манипулација преку создавање илузија на просперитет и уреденост. Визуелниот аспект на потемкиновото село ја покажува моќта на оставање добар впечаток, која се користела за да се контролира перцепцијата на јавноста, особено на високата власт.


Денес, изразот се користи како метафора за какво било место или ситуација што изгледа добро на површината, а всушност е празна или вештачки создадена. Терминот често се употребува за да се опишат лажни напори што се претставуваат како успешни, но кои не се засновани. Тимовите или компаниите можат да изградат фасади на успех, на пример, преку лажни статистики, манипулација со резултати или преку привидна успешност, додека вистинските проблеми и слабости се кријат од погледот на јавноста. Ова е често приметно во политиката, економијата, а понекогаш и во корпоративниот свет.


Потемкиновото село ни покажува значајна лекција - дека не секогаш треба да гледаме со восхит на нешто што е сјајно или е во мегаломански размери. Всушност, во најголемиот број случаи имаме само обид за создавање илузија за преголем, недостижен успех, којшто не е ништо повеќе од обична шминка, односно фасада. Овој историски момент би требало да ни помогне во надминувањето на потенцијалните заблуди во кои би западнале.


Стефан Трендевски, студент на Економски факултет во Скопје, УКИМ


Feb 3

2 min read

0

18

bottom of page