top of page

Азискиот финансиски центар - Хонг Конг

Jan 17

4 min read

2

8

Хонг Конг денес е третиот најголем финансиски центар во светот. Пред него предничат единствено Лондон и Њујорк. Истовремено, тој е најголемиот финансиски центар во Азија и Јужниот Пацифик, а во него се наоѓа петтата најголема берза на светот - хонгконшката берза. Претставува главно место за влез на компании и на капитал од останатиот дел од светот во Н.Р. Кина, сепак изминатите случувања во Хонг Конг и регионот се закануваат да го намалат неговото влијание како еден од главните финансиски центри. Хонг Конг започнува како мало трговско гратче на брегот на Тихиот Океан. Неговиот вистинскиот развој започнува по 1898 година, кога тој станува британска колонија. По завршување на Втората опиумска војна голем дел од градот е даден на користење на Британците, за период од 99 години. 


Под британската власт Хонг Конг станува голем индустриски и трговски центар во регионот, благодарение на политиката за слободна трговија и движење на луѓето, како и ниските даноци. Истовремено, тој станува главен центар во регионот за меѓународни компании од Европа и Северна Америка. Во 1997 Британија ѝ го враќа Хонг Конг на Кина, но градот добива посебен статус на специјална административна област заедно со Макао, што е пропишано во кинеско-британскиот договор. Овој статус на Хонг Конг е предвиден да трае сѐ до 2047 година и благодарение на него, Хонг Конг има своја валута (хонгконшки долар) и монетарна политика, свој сопствен пасош и емиграциска политика, граници со останатиот дел од Кина, како и свое законодавство и свој правосуден систем. Единствено нешто што Хонг Конг го дели со Кина се одбранбената и надворешната политика. Благодарение на овој статус, Хонг Конг е главна влезна точка за меѓународни компании и капитал, како и за меѓународен високо квалификуван кадар во Кина, бидејки Хонг Конг ги нема големите рестрикции на луѓе и капитал, кои ги има останатиот дел од Кина, и може да гарантира за безбедноста на информации и пристап до нив, што е ограничено во останитите делови од државата. Англискиот јазик и западните стандарди, како и веќе развиената финансиска и имиграциона политика го прави Хонг Конг регионален центар.


Главни играчи на финансискиот пазар во Хонг Конг се големите меѓународни банки со доминантно британски и американски капитал, големи меѓународни банки со локален капитал, како и големи банки од останатиот дел од Кина. Поради големината и моќта на овие банки, во Хонг Конг се присутни и други големи меѓународни финансиски институции како осигурителни друштва и инвестициски фондови, други видови посредници, меѓународни адвокатски друштва и претставништва на меѓународни компании. Најголемите играчи на финансискиот пазар се: HSBC Bank, Bank of China, Standard Chartered.

Financial times, Google Earth 2022
Financial times, Google Earth 2022

Во последно време појавени се нови потенцијални ризици, кои можат да го отежнат работењето на компаниите што се присутни во Хонг Конг. Првиот и наголем ризик е новиот Закон за национална безбедност, кој дозволува досега невидени овластувања на кинеската полиција и внатрешните органи да притвораат луѓе за потенцијални закани кон државата и комунистичката партија, што негативно влјае врз странските резиденти. Законот, исто така, ѝ дозволува на кинеската влада неограничен потенцијален пристап до информации на компаниите присутни во Хонг Конг и нивните клиенти, што се коси со нивните гаранции за приватност на информациите и законите за безбедност на нивните матични земји. Вториот поголем, но подалечен ризик, е доближувањето на 2047 година, кога е предвидена целосна интеграција на Хонг Конг со Кина и бришење на каква било автономија, што вклучува и укинување на независното законодавство, правосудство, економска и имиграциона политика. 


Поради наведените ризици, голем дел од компаниите во Хонг Конг размислуваат за селење во некои од другите финансиски центри во регионот. Како најголеми конкуренти на Хонг Конг се спомнуваат: Сингапур, Токио, Шангај и Сиднеј. Главни фактори што ги разгледуваат компаниите при одбирање на нови седишта се економските фактори и правосудството.


Во категоријата економски фактори, главен фактор се трошоците со кои се соочуваат компаниите. Хонг Конг има најниски стапки на данок на добивка во регионот. Хонг Конг исто така има и најниски стапки на данок и во други области благодарение на тоа што главен извор на приходи на владата не е данокот (што е случај во другите места), туку финансирање од продажба и закупнина на имот, бидеќи речиси целото земјиште во Хонг Конг е државно. Во областа на слободната трговија, во регионот предничат Хонг Конг и Сингапур поради ниските и некогаш непостоечки царини (што не е случај со останатите градови на листата). 


Меѓународните корпорации бараат да бидат централизирани во држави каде што владее независно правосудство. Досега ова не било проблем во Хонг Конг, но со новиот Закон за национална безбедност, судството станува сѐ повеќе под влијание на централната власт во Пекинг, а по 2047 година предвидено е изедначување на правосудството и судскиот систем на Хонг Конг со останатиот дел од Кина. 


Хонг Конг сѐ уште има големи предности во однос на кој било друг град во регионот. Но, новодонесениот Закон за национална безбедност го има потенцијалот да го промени ова, а дали тоа ќе биде така, зависи од степенот до кој централната власт на Кина е подготвена да влијае врз безбедноста на информациите, правосудството и индивидуалната слобода во Хонг Конг. Најавеното обединување во 2047 година ќе биде пресвртна точка, која доколку доведе до исти услови како и во останатите делови на Кина, би предизвикала напуштање на Хонг Конг од страна на голем дел од компаниите или внатрешна преселба во Шангај.


Иван Трајковски


Jan 17

4 min read

2

8

bottom of page