
Анализа на можностите за искористување нуклеарна енергија во Македонија
Dec 22, 2024
2 min read
3
63
Како резултат на развојот на технологијата се забележува дека во последниве години сè повеќе се чувствува потребата од електрична енергија. Токму од таа причина, како едно од можните решенија за овој проблем се јавува искористувањето на нуклеарната енергија којашто има огромен потенцијал да ги замени постоечките термоелектрични централи, а со тоа да се овозможи добивање големи придобивки, како од еколошки, така и од финансиски аспект. Во таа насока, во овој труд направена е анализа на искористувањето на нуклеарната енергија во светски рамки, а посебно е ставен акцент на можностите за нејзиното искористување во Македонија, особено ако се има предвид дека нашата држава во голема мера е енергетски зависна. На тој начин, јасно е дека мотивите за истражување во оваа област значително се зголемуваат, со цел правилно да бидат предвидени влијанијата што би произлегле од изградбата на ваков тип електрична централа.
Со економскиот развој на секоја земја расте и потребата од енергија за нејзиното население. Македонија во претходните години се соочува со недостиг на електрична енергија што се надополнува со увоз (во последните години увозот е околу 30% од потребите, односно од 2000 GWh до 3000 GWh годишно во зависност од хидролошките услови).

Оттаму, најголемиот мотив за искористување на нуклеарната енергија во Македонија произлегува од задоволувањето на енергетските потреби во државата, со што би се постигнала енергетска независност. Вкупната инсталирана моќност на сите енергетски извори во Македонија изнесува 1417,6 MW, од кои 824 MW термоелектрани, 556,8 MW хидроелектрани и 36,8 MW ветерни електрани, но треба да се нагласи дека тие не работат со полн капацитет во поголемиот дел од времето. Изградбата на нуклеарна електрана со инсталирана моќност од 1000 MW претставува зголемување од 70,54%. Земајќи го предвид фактот дека нуклеарните електрани работат со полн капацитет 93,5% од времето, ваквата централа би ги задоволила енергетските потреби на државата, би довела стабилност на енергетскиот систем и би ја поставило во позиција за извоз на електрична енергија.
Другиот мотив претставува тоа што нуклеарните електрани имаат најниски емисии на стакленички гасови во својот животен циклус во споредба со сите други извори на енергија, освен ветерните електрани. Дополнително, нуклеарните електрани имаат помали трошоци за одржување, во однос на конвенционалните термоелектрани.

Денес во светот има 440 реактори во оперативна работа, кои имаат вкупна инсталирана моќност од околу 390 GW, 60 што се во изградба и план за изградба на уште 110 нови реактори во иднина. Околу 10% од вкупното производство на електрична енергија во светот е од нуклеарни електрани, додека најголем придонес во енергетскиот систем од нуклеарна енергија имаат: Франција 78%, Белгија со 54%, Кореја со 39%, Швајцарија со 37%, Јапонија со 30%, САД со 19%, Русија со 16% итн.
Целосниот труд менториран од м-р Иван Темелковски ќе биде достапен во зборникот на трудови на СКЕЕОР 2024 на веб страницата: https://skeeor.feit.ukim.edu.mk/?lang=mk.

Димитриј Спасов

Андреј Ѓорѓиевски

Александар Ристов