
Зајакнување на знаењето за внатрешниот пазар на ЕУ
Dec 23, 2024
2 min read
3
11
Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Меториј“, од 1 октомври 2024 година успешно го спроведува тригодишниот проект со наслов „Зајакнување на знаењето на внатрешниот пазар на ЕУ - проширување на перспективите на земјите-кандидати“ во рамки на програмата Еразмус+, Жан Моне активности во областа на високото образование, односно Катедра Жан Моне. Раководител на проектот е проф.
д-р Елена Макревска Дисоска, редовен професор на Економскиот факултет во Скопје.
Целта на проектот е надградување на знаењата на студентите и широката јавност за функционирањето на внатрешниот пазар на ЕУ. Знаејќи дека Република Северна Македонија е земја-кандидат за членство во ЕУ и повеќе од две третини од вкупната трговија ја остварува со ЕУ, познавање на законодавството на ЕУ во поглед на функционирање на внатрешниот пазар е неопходно. Дополнително, новиот план за раст предвидува понатамошна интеграција на земјите од Западен Балкан во внатрешниот пазар, што креира обврска за земјите да ги преземат и спроведат неопходните реформи, за да се исполнат правилата и стандардите на ЕУ.
Целта е, преку овој проект да се дискутира за релевантните прашања за земјата и да се модернизираат содржините на предметите на додипломски студии: Внатрешен пазар на ЕУ, Европски економски интеграции, Mултилатерален трговски систем, Меѓународна економија и Меѓународни организации и интеграции.
Дополнително, да се иницира и поттикне дебата за процесот на европска интеграција преку разни активности: обуки, панел-дискусии, покана на гости-предавачи од земјата и од странство, предавања за време на летната школа што традиционално ја организира Економскиот факултет во Скопје и натпревари за најдобар есеј на дадена тема на ЕУ на годишно ниво. Во активностите предвидено е вклучување на широк спектар на учесници, вклучувајќи ги и креаторите на политиките, експертите во реалниот сектор, организациите на граѓанското општество и многу други. Дополнително, за најдобрите студенти се предвидува студиска посета во Брисел, каде што студентите ќе можат одблизу да се запознаат со функционирањето на дел од ЕУ институциите.
Проектот предвидува и научноистржувачки активности, како што се: објавување академски трудови, монографии и книги на теми поврзани со функционирањето на ЕУ. Резултатите од проектот се споделуваат јавно, преку електронската платформа Jean Monnet Chair - EU Market (www.eumarket-eccf.com).
Преку комбинација од наставни aктивности, активности за вклучување на јавноста и научноистражувачки активности, треба да се идентификуваат предизвиците и можностите од вклучувањето на внатрешниот пазар на ЕУ и да се процени нивното потенцијално влијание врз бизнисите, академската заедница, студентите и другите поединци. Преку овој проект, би можеле да придонесеме кон зајакнување на тековната дебата за улогата и влијанието на ЕУ, како и кон развојот на политиките и практиките што ја поддржуваат благосостојбата и просперитетот на Република Северна Македонија.
Проф. д-р Елена Макревска Дисоска, редовен професор, Катедра за надворешна трговија на Економскиот факултет во Скопје