
Индикатор за подготвеност на паметни градби
Dec 15, 2024
2 min read
10
104
Крајот на пандемијата и војната меѓу Русија и Украина предизвикаа огромна енергетска криза, која го поттикна човештвото да бара енергетски, ефикасни решенија за повисок квалитет на живот и помалку трошење енергија. Па така, во последниве неколку години, особено по пандемијата со Ковид-19 вирусот, светот се фокусираше на изонаоѓање енергетски ефикасни решенија за енергетската криза со која луѓето се соочуваат. Вакво решение е и индикаторот за подготвеност на паметни градби.
Енергетска ефикасност е збир планирани и применети мерки, чија намена е да искористат минимално можно количество енергија за извршување некоја работа (греење или ладење на простор, осветлување, производство итн.), без притоа да се загрози нивото на удобност. Ова се однесува на бројни сектори: индустрија, превоз, зејмоделство, домаќинство итн. Идејата на индикаторот за подготвеност на паметни градби е да обезбеди упатства за специфични промени во зградите, што би придонело кон намалување на енергетската криза, истовремено одржувајќи ја удобноста и квалитетот на животот. Ова вклучува подигнување на свеста на луѓето, одржување удобност и квалитет на живот и откажување од навиките што негативно ѝ влијаат на животната средина.
За една зграда да биде паметна, таа треба да поседува способност за: комуникација, толкување, разумност и ефикасно реагирање на променливите услови. Индикаторот, исто така, оценува апарати во одност на тоа колку енергија трошат за време на вообичаена употреба. Потоа, тие добиваат оценка од А до Г - А е најефикасниот производ од својата класа, а Г е најмалку ефикасниот. Енергетските класификации се прават според големината на производот - два уреда со иста енергетска вредност може да користат различни количини електрична енергија доколку имаат различна големина. Сепак, енергетска ефикасност не значи заштеда на енергија. Штедењето секогаш подразбира одредени жртви, додека ефикасното користење енергија никогаш не ги нарушува условите за работа и живот.
Употребата на паметни технологии во зградите може да биде економичен начин преку кој ќе се придонесе кон создавање поздрави и поудобни згради, користејќи помалку енергија и емитирање помалку јаглерод. Интелигентните технологии, исто така, ја олеснуваат интеграцијата на обновливите извори на енергија во енергетските системи, што дополнително придонесува кон пониски сметки и помало количество потрошена енергија, а и кон подобро здравје и благосостојба во затворено место.

Викторија Пројкова, трета година, Факултет за електротехника и информациски технологии