
Истражување на циркуларната економија и еко-френдли системи во македонскиот индустриски сектор
Dec 30, 2024
1 min read
1
15
Светот се соочува со значителни еколошки предизвици, меѓу кои најизразени се климатските промени и деградацијата на животната средина. Во таа насока, преминот кон одржлива и циркуларна економија претставува стратешки приоритет, особено за земји како Македонија, каде што традиционалните економски модели допрва треба да се реформираат. Циркуларната економија нуди систематски пристап за повторно користење на ресурсите, намалување на отпадот и оптимизирање на производствените процеси и е клучна за минимизирање на штетата врз животната средина. Во овој труд се презентира концептот на циркуларната економија, нејзината примена во различни производствени и индустриски сектори, како и предностите и предизвиците што произлегуваат од оваа примена.
Посебен фокус треба да се стави на економијата во Република Македонија и можностите за нејзино подобрување преку интеграција на циркуларни модели. Македонија, со своите богатства и потенцијал за развој на циркуларни системи, има можност да оствари значителни еколошки и економски придобивки. Ќе се истражат начините на кои може да се имплементираат еко-френдли и циркуларни системи во македонската индустрија, со цел да се постигне поголема ефикасност на ресурсите и намалување на отпадот. Дополнително, ќе се спроведе анкета помеѓу младите, бидејќи нивната свест и ставови се клучни за иднината на циркуларната економија. Преку анкетата ќе се анализира информираноста на младите за циркуларната економија и нивната подготвеност за поддршка на одржливи модели во производството.
Резултатите од ова истражување ќе понудат значаен увид за засегнатите страни и ќе претставуваат основа за предлог решенија, кои можат да придонесат за промена на моменталната економска состојба и премин кон одржлив развој.
Целосниот труд ќе биде достапен во зборникот на трудови на СКЕЕОР 2024 на веб-страницата: https://skeeor.feit.ukim.edu.mk/?lang=mk.

Јелена Ѓошиќ студентка на ФЕИТ, трета година