top of page

Клуб на читатели при Филолошкиот факултет – од идеја до прва средба

Dec 6, 2024

2 min read

2

67

Луѓето што читаат книги живеат илјадници животи пред да умрат, оние што не читаат живеат само еден. – Џорџ Р. Р. Мартин

   

За сите луѓе што љубат да читаат, читањето не е само обично хоби. И самите би признале дека по одредено време станува еден вид опсесија, активност што бара повторно и повторно да ѝ се навратиш, бидејќи секогаш ќе постои некој неоткриен свет, некоја непрочитана приказна, некој недоволно анализиран лик. Книгите се прозорец кон светот, од нив добиваме нови сознанија и идеи, дури на моменти нѐ носат и во правци на размислување каде сами никогаш не би ја имале привилегијата да заминеме.


Како член на ФСС при Филолошкиот факултет, на една наша средба, ја споделив својата идеја - да се организира и да се отвори Клуб на читатели, меѓутоа желбата ми беше да биде отворен за сите книгољупци и студенти од сите факултети при УКИМ. Целта на клубот е преку интересни дискусии подобро да го осознаеме книжевниот свет, а истовремено и подобро да се запознаеме меѓу себе и да размениме свои мислења и ставови во врска со приказните и нивната поврзаност со денешното општество. Да се стане член не е воопшто комплицирано, тоа може да го направите испраќајќи порака на инстаграм-профилот на ФСС на ФЛФ. Важно е да сте член на клубот доколку сакате да дадете предлог и/или да учествувате во изборот на книга за следна средба. 


За првите две средби избравме дела од македонски автори, бидејќи сме свесни колку им значи нашата поддршка, а и колку е важно за нас да читаме македонска литература и да си го негуваме јазикот. Македонската книжевна сцена изобилува со извонредни четива и раскажувачи, а во последен период гледам дека има сè поголем и поголем интерес кај младите за книжевност, што навистина многу ме радува.


На последната средба, која ја одржавме во Студентскиот културен центар (СКЦ),  ја обработивме книгата ,,Мојот маж‘‘ од Румена Бужаровска. Преку одговарање интересни прашања, споделивме свои ставови и ги разгледавме расказите од повеќе гледни точки. На интересен начин преку дискусија ги споделивме своите гледишта за ликовите и околностите во кои ги затекнуваме. Од средбата си заминавме со насмеани лица и веќе со планови и идеи за идни средби, кои се надевам ќе ги има уште многу. 


Ги поканувам сите заинтересирани студенти да ни се приклучат и да станат дел од Клубот на читатели и се надеваме дека ќе има уште поголем одзив и заинтересираност за идни средби. 


Вероника Стојковска, член на ФСС Филолошки, една од организаторките на Клубот на читатели


Dec 6, 2024

2 min read

2

67

bottom of page