top of page

Кој е „виновникот“ за подемот на модерната уметност?

Jan 30

3 min read

2

22

За уметниците се вели дека тие се доста информирани и интелигентни луѓе со способност да го перцепираат светот на поразличен начин од другите, и токму таа способност, заедно со креативната, предизвикува порив за творечки израз. Но, на прашањето „што е тоа уметност?“, секој од нив различно би одговорил, со објаснување, кое најчесто води кон апстрактна претстава, отворајќи нови прашања, чии одговори повторно не можат да ја задоволат нашата љубопитност, како и „расчитувањето со себе си“ на самите уметници дека дале правилен одговор.


Осврнувајќи се кон нејзината историја, уметноста од самиот почеток, па сѐ до падот на монархијата, служела на власта и религијата. Таа „служба“ на уметноста, кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, ја менува својата форма во служба на народот. Новиот правец на ова време е реализмот, движење што се залага за претставување на стварноста онаква каква што е. Секојдневни сцени и случувања од животот на градскиот човек, селанецот и неговата борба за опстанок, економската и општествената состојба, портрети на човекот без никаква идеализација и хипербола на личноста се темите со кои се занимавал реализмот.


Жан Франсоа Миле
Жан Франсоа Миле

Мајсторите на реализмот како Густав Курбе, Жан Франсоа Миле, Едуард Мане, Теодор Жерико (сите од Франција, која била лулка на европската модерна култура), може да се каже дека се првичната форма на независни уметници, кои и без закрило на кралот или црквата, можеле да опстојат.

Но, со развојот на индустријата и технологијата, кои ги заземаат најголемите чекори во минатите два века, нештата во светот на ликовната уметност драстично ќе се променат.

Ваквиот „земјотрес“ во ликовниот свет ќе го предизвика појавата на фотографијата. Ако дотогаш на луѓето им било замисливо само уметникот да може трајно да визуализира одредена сцена, тоа сега го овозможува фотоапаратот, кој предизвикал вистинска сензација. Временски поисплатливо, но и финансиски исто така. Секој би можел да си дозволи да појде кај фотограф, и временски за многу побрзо и поефтино да добие портрет, отколку да појде кај сликар.


Теодор Жерико
Теодор Жерико

Францускиот сликар Теодор Жерико, покрај пред малку споменатите причини зошто тогашниот човек да одбере фотографија, со едно од неговите дела го

зголемил скептицизмот кон сликарството кај народот. Жерико во неговото масло на платно насловено „Дерби кај Епсом“(1821) претставил трка на коњи.

Претставена е сцена каде четири јавачи јаваат на своите коњи под надвиснатото заоблачено небо. Специфично за коњите, покрај тоа што се во движење, е тоа што сите коњи ги имаат кренато сите четири нозе во вис. Неколку години подоцна, во втората половина на XIX век, фотографот Едуард Мејбриџ, ја направил серијата фотографии „Коњ во движење“(1878). Коњот е прикажан во повеќе моменти како трча со својот јавач, но на ниту една фотографија тој не е со сите нозе во вис.


 Едуард Мејбриџ
 Едуард Мејбриџ

Претставата на Жерико е спротивна на природните закони, па така ликовната уметноста се доведува до прашање дали човекот е оној кој може вистински и веродостојно да ја претстави стварноста? „Поразени“ од фотоапаратот, многу уметници очајувале, поради намалениот интерес за нивните дела. Ваквиот „пораз“ натерал на размислување за нови ликовно-изразни пракси. Што е она што фотографијата не може да долови, а човековата рака може?


Машината е ограничена, но човековата енергија, фантазија, интуиција, емоција, спонтаност и имперфекција се највисоките вредности, кои и до ден денес ниту вештачката интелигенција нема да успее да ги совлада. Движејќи ја уметноста од импресионизам, до постимпресионизам, па фовизам, експресионизам, кубизам, дадаизам, надреализам, поп арт, па сѐ до растурање на фигуративното преку апстракцијата, е моќта на човековото, она што нѐ прави луѓе, она кое се одразува на нас, она кое го чувствуваме, и кое нѐ прави слободоумни. Токму во овие споменати човечки нешта се крие и објаснувањето за уметноста, прашањето кое го поставив на почетокот од оваа статија. Но, сепак тоа е само мое размислување. Останува на вас да го протолкувате.


Никола Тренов, дипломиран сликар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје

(во тек на постдипломски студии)


Jan 30

3 min read

2

22

bottom of page