top of page

Лидерство и општествена одговорност на компаниите

Jan 18

2 min read

1

17

За општествената одговорност постојат голем број дефиниции, но ќе се обидеме да го поедноставиме објаснувањето со неколку од нив.

- Општествената одговорност на компаниите всушност покажува колку компаниите, покрај проширувањето и одржувањето на бизнисот, се грижат за и посветуваат внимание на луѓето, заедницата и општеството.

- Општествена одговорност подразбира повеќе од почитување на законската регулатива.

- Општествена одговорност на компаниите се дефинира како одговорност на компаниите за влијанието на нивните одлуки и активности врз општеството и животната средина.

Претходноспоменатото се постигнува со етичко и транспарентно однесување. И етичкото и транспарентното однесување придонесуваат кон одржлив развој и ги земаат предвид очекувањата на засегнатите страни. Треба да се напомене дека општествената одговорност треба да е интегрирана низ целата компанија.


Во Република Македонија од 2008 година беше подготвена Национална агенда за општествена одговорност на компаниите, која беше усвоена од страна на Владата на Република Македонија. Целите на агендата се подигнување на свеста за општествена одговорност, развивање капацитети и компетенции за етаблирање на општествената одговорност, и постигнување поволен амбиент за општествена одговорност. Општествена одговорност опфаќа голем број области во сите сегменти од работењето на компаниите, како на пример: односи со вработените, процеси на регрутирање кадар, етичко управување, односи на пазарот со добавувачи и потрошувачи, заштита на животната средина, вложување во заедницата и други.


Што треба да знаат лидерите на компаниите за општествената одговорност за да вложат во општествено одговорни проекти, наместо да го искористат профитот за сопствени цели? Треба да знаат дека со поголемо искористување на природните ресурси треба да се придонесе кон намалување на штети, бидејќи со дестабилизација на природните процеси се нарушува и нивниот бизнис на долг рок. Дополнително, треба да знаат дека општествената одговорност носи предност во однос на конкурентите, дека грижата за човечкиот капитал и вработените е неопходен услов за зголемување на профитот, дека подобрувањето на работните услови, обуката, грижата за развој на вработените и создавањето добар тим претставува предност пред другите компании. За крај, лидерите треба да ја препознаат, да ја применуваат и да ја продлабочуваат општествената одговорност во своите компании.


Основни принципи на општествената одговорност се одржливост, одговорност и транспарентност. Одржливост значи да продолжиме да нудиме производи и услуги со еднаков или подобар и поголем квалитет и квантитет, затоа не треба да ги користиме ресурсите повеќе отколку што можеме да ги обновиме. Одговорност значи влијание на компанијата врз околината и врз внатрешните и надворешните засегнати страни. Транспарентност значи усвојување политики и процедури на известување, како внатре така и надвор.


Вложувајќи во општествената одговорност преку одвојување дел од својот профит, лидерите и компаниите покажуваат дека се општествено одговорни, со што даваат нова вредност на бизнисот што го водат. Крајната цел на ваквиот начин на дејствување е зголемување на конкурентноста и обезбедување одржлив развој во бизнисот. Придобивките што ги добиваат копаниите од општествено одговорно работење се зголемена продуктивност, зголемена мотивација кај вработените, зголемена репутација, зголемен имиџ, зголемена конкурентност, привлекување инвеститори, добра и позитивна култура и долгорочен успех. 


Марјан Трајковски, машински инженер и главен претставник на раководството за квалитет во Раде Кончар - ТЕП


Jan 18

2 min read

1

17

bottom of page