
Науката за мрежи и нејзината примена во економијата
Jan 1
3 min read
1
7
Врските помеѓу луѓето, организациите и објектите играат клучна улога во тоа како функционира општеството и природата. Луѓето се потпираат на пријателства и семејни врски за поддршка и развој, додека бизнисите создаваат односи со клиенти, добавувачи и партнери за да растат. Овие мрежи, преку интернет или во живо, ги обликуваат процесите на ширење информации, на распределба на ресурси и на носење одлуки. На пример, разбирање на социјалните односи може да помогне во предвидување на трендовите во потрошувачкото однесување, додека мапирање на врските во една заедница може да открие како се користат ресурси како образованието и здравствената заштита. Сепак, економијата често се фокусира на бројки – БДП, инфлација или цени – без да истражи како врските меѓу поединците, фирмите или државите ги обликуваат овие резултати.
Размислете како функционираат бизнисите во денешниот свет. Една компанија може да набавува суровини од еден набавувач, да произведува во друга земја и да продава глобално, често користејќи социјални мрежи за да пронајде клиенти. Ова не е само серија трансакции – ова е мрежа. Ако еден набавувач пропадне или важен транспортен пат се затвори, целата мрежа ги чувствува последиците. Исто така, препораките од потрошувачите или нивните онлајн рецензии создаваат нови врски што влијаат на продажбата. Анализа на овие мрежи може да обезбеди конкурентска предност преку идентификување на клучни влијатели, оптимизирање на синџирите на снабдување или рано откривање на слабости.
Науката за мрежи, која значително се разви во последните децении, нуди алатки за проучување на овие интеракции. Таа ги третира поединците, фирмите или средствата како јазли, а нивните трансакции, партнерства или ресурси како врски. Преку мапирање на мрежите, може да откриеме скриени обрасци. Еден бизнис, на пример, може да утврди дека мал број клиенти создаваат најголем дел од препораките или дека критичен дел од синџирот на снабдување зависи од еден високоризичен набавувач. Владите и организациите, пак, може да користат вакви анализи за подобро да ги распределат социјалните услуги или даидентификуваат слабо опслужени заедници. Со размислување во смисла на мрежи, можеме да ја надминеме изолираноста на актерите и да разбереме како врските ги движат системите.

Графикон 1. Пример за мрежа
Јазлите (црвените точки) може да претставуваат поединци, фирми, држави и финансиски средства. Линиите што ги поврзуваат јазлите се врски што ги претставуваат зависностите помеѓу јазлите (ако јазлите се поединци, врските може да ни кажат кој со кого е пријател).
На Економскиот факултет, ние сме пионери во примена на науката за мрежи, како и во истражување и во економски примени. На пример, користевме наука за мрежи за мапирање на миграциските движења на познатите личности во Европа во последните десет века. Во оваа мрежа, јазлите претставуваат физички локации (Скопје, Париз), додека врските го претставуваат бројот на личности што се преселиле од една локација на друга (Графикон 2). Друг проект беше фокусиран на трговските текови на дигитални производи, каде што јазлите се фирми (Гугл или Нетфликс) и земји, а врските го претставуваат приходот што фирмата го остварила во одредена земја (Нетфликс во Македонија).

Графикон 2. Мрежа на миграции на познати личности од последните 10 века

Графикон 3. Меѓународна трговија на дигитални производи
Во соработка со Светската банка, ја применивме науката за мрежи за проучување на сиромаштијата. Ова доведе до развој на „Просторот на сиромаштија“, мрежа што ги мапира односите меѓу различни индикатори за сиромаштија, како што се пристап до образование, чиста вода и здравствена заштита. Преку анализа на оваа мрежа, може да откриеме како овие индикатори влијаат еден на друг, обезбедувајќи сознанија што водат кон поефикасни интервенции.

Графикон 4. Просторот на сиромаштија на Македонија
Учењето за науката за мрежи бара основно разбирање на статистички софтвер и кодирање - вештини што станаа широко достапни во последните неколку децении, овозможувајќи ја практична примена на науката за мрежи. Катедрата за математика и статистика при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје нуди предмети што им помагаат на студентите да ги развијат овие основни вештини. Ова им овозможува цврста основа за истражување на иновативни идеи базирани на податоци, како што е науката за мрежи, и ги подготвува за справување со предизвиците на современиот свет.
Виктор Стојкоски