
Од првите модерни олимписки игри, поминаа 128 години. Се разбира дека низ текот на нивното постоење, не само игрите, туку и целата организација поврзана со нив, има значително еволуирано. Поради големата грижа поврзана со самата организација на игрите, трошоците се имаат зголемено брзо во последните педесетина години. Токму зголемувањето на трошоците поврзани со организацијата се интересот на економистите, кои на Олимпијадите почнаа да гледаат од една поинаква перспектива.
Какво е значењето на трошоците?
За време на првата половина од дваесеттиот век, организацијата на Олимпијадите била издржлив товар за градовите-домаќини. Игрите се одржувале во побогатите земји, најчесто во развиените земји во Европа или во САД, а во ерата пред вкчучувањето на телевизиските преноси, земјите-домаќини не очекувале да остварат заработка од организација на игрите. Наместо тоа, игрите биле јавно финансирани, а поразвиените земји можеле целосно да ги сносат трошоците, поради нивните поголеми економии и понапредна инфраструктура.
Сепак, седумдесетите години од минатиот век претставуваат пресвртница во организацијата на Олимпијадите. Ова е став на професорот по економија Ендрју Зимбалист, кој е автор на три книги за економија на Олимпијадите. Главната причина за промената на организацијата на Олимпијадите претставува зголемениот број на земји- учеснички. Дополнително, безбедносните прашања, како во случајот со Мексико 1968 година и Минхен 1972 година, претставувале дополнителен товар и предизвик за организаторите, а со самото тоа и повисоки трошоци.
Посебна тема за дискусија се инфраструктурните проекти. Пред организирање на Олимписките игри, градовите-домаќини мора да направат „градежна офанзица“, за да ги задоволат критериумите на Меѓународен олимписки комитет (МОК). Се проценува дека само првичните зафати ги чинат организаторите помеѓу педесет и сто милиони долари. Иако многумина сметаат дека градежните проекти се добар начин за поттикнување на економијата, финансирањето е проблем. Ретко кој град, па дури и држава, може да си дозволи да финансира повеќе мегаломански проекти истовремено. На пример, целосната цена на игрите во Пекинг 2008 година била неверојатни четириесет милијарди долари.
Друг проблем што се наметнува е одржувањето на стадионите, олимпиското село и забавните паркови. Имено, доколку пребарате на интернет за ситуацијата со градежните објекти во Рио де Жанеиро по 2016 година, ќе сфатите дека тие денес не се ништо повеќе од обична руина, фрлена во сеништето на минатото.
Утврдено е дека ефектите од туризмот се измешани. На почеток, сите очекуваме навала од туристи кон државите- домаќини, но, поради зголемените цени на престојувалиштата, на услугите и на многу други економски сектори, многу туристи се одлучуваат да ја одложат посетата поради зголемениот метеж.
Кое е решението за оваа појава?
Според Зимбалист, малите и средни земји треба да се откажат од помислата за организирање ваков настан. Причината се секако трошоците, но и опасноста од проциклично движење во економиите на самите земји, пред сѐ опасност од инфлациски шокови предизвикани од внатрешни фактори. Понатаму, потребна е промена во процесот на носење одлука за град-домаќин. Имено, сведоци сме на многубројни скандали поврзани со подмитување на МОК за давање дозвола за организација. Ова дополнително прави негативна перцепција кон останатите заинтересирани земји. За крај, како оптимално решение на проблемот со организирање на Олимписките игри се предлага тие да се одржуваат во еден град, во подолг временски период, на пример 20-30 години, при што удел во одржувањето на објектите ќе сноси и МОК.

Срѓан Илијевски, апсолвент на Катедрата за сметководство и ревизија и член на ФСС на Економски факултет во Скопје