
Пари за благодарност или корупција?
Живееме во период кога најголем дел од населението смета дека во државата, како и во опкружувањето, владее епидемија на корупција. На таа тема, своевремено пишувал и познатиот унгарски економист Јанош Корнаи. Поголемиот дел од неговата научна кариера ја поминал истражувајќи ги постигнувањата на планско-администрираните стопанства, односно ги истражувал земјите од источниот, комунистички блок, а во оваа статија ќе се осврнам на неговата позната статија „Пари за благодарност“.
Што претставува концептот пари за благодарност?
Во земјите со комунистичко уредување, може да се каже дека сѐ било управувано од централната власт. Имено, можеби и апсурдно, но власта контролирала и колку пара обувки, колку кравјо млеко или пак колку кошули ќе произведат текстилните фабрики. За услугите, приказната била иста, а можеби и уште пострашна. За каква било услуга од државниот апарат, луѓето биле принудени да бараат „ургенции“ за своите најосновни потреби. Ситуацијата била иста и во доменот на здравствена заштита. За да можат да завршат одредена работа, луѓето на медицинскиот персонал, пред сѐ на лекарите, им носеле разни подароци или пари. Уште поинтересно, иако овие пари не биле никаде евидентирани, ваквиот тип „благодарност“ толку многу се раширил, што лекарите очекувале дека за најобичен преглед, мора да им донесете некаков подарок или пари.

Како настанала оваа појава?
Ако некој од вас се прашува што има лошо во државниот интервенционизам во стопанството, одговорот е мошне едноставен. Со централизираниот начин на планирање, не биле ретки случаите на недостиг на основни намирници, поради лошите планови на централна власт. А притоа не заборавајте – каде има голема регулација, иновацијата умира. Дополнително, лекарите, како и сите службенци, имале моќ во државната хиерархија и со самото тоа ја користеле моќта над „обичниот“ граѓанин. Токму во ова лежи сржта на проблемот - зошто подароците кон службениците станале обичај, а не биле третирани како мито!
Влијанието врз економ ијата
Потребата од пари за благодарност кажува многу за економијата, впрочем, можеби и повеќе од кој било макроекономски индикатор. Со самото прифаќање на овој концепт од општеството доаѓаме до два заклучока. Првенствено, како што и погоре беше напоменато, во отсуство на иновации, конкурентски пазар и напредок, цените на стоките и услугите не ја одразуваат рационалноста во користењето на ресурсите. Дополнително, поради тоа што компаниите биле државни, на раководителството не му било значајно дали се работи ефективно, затоа што зад нив стоела државата. Второ, со ваквиот начин на неформални плаќања, се покажува хиерархиската надмоќ на еден привилигаран сталеж над останатите, со што расте нееднаквоста во општеството, што самото по себе е погубно.
Заклучок
Да резимирам, Јанош Корнаи на еден мошне едноставен и разбирлив начин успеал да ни покаже која е негативната страна на централно-администрираните економии. Парите за благодарност се показател за корупцијата во општествата, односно како таа влегува на мала врата и станува општествена норма. Од економски аспект, ова покажува дека економскиот систем на овие земји е неинклузивен, односно привилегиите и богатството се таложат кај највисокиот слој на системот. На оваа тема говорат и статии и поткасти со професор Дарон Ачемоглу.
Стефан Трендевски, студент на финансиски менаџмент, Економски факултет, Скопје