top of page

Поголема општествена одговорност за поголема одржливост на претпријатијата

Jan 1

2 min read

0

28

Општествената одговорност на претпријатијата претставува одговорност на претпријатието при влијанието на неговите одлуки и активности врз општеството и животната средина. Се постигнува преку етичко и транспарентно делување, кое придонесува за одржлив развој, при што ги зема во предвид и очекувањата и ставовите на акционерите и засегнатите страни (извор: Конект.мк).

Моделот на општествена одговорност е поврзан со самата одржливост на претпријатието, бидејќи претставува еден вид стимулирачки механизам за подобрување на нејзините еколошки, етички и социјални перформанси. Како придобивки од општествената одговорност, може да се наведат:

-Подобра репутација и ефикасното управување со репутацискиот ризик;


-Поефикасно управување со брендот;


-Пристап до финансиски ресурси;


-Зголемена продуктивност;


-Подобра организациска клима внатре во рамки на организацијата и др.


Општествената одговорност влијае врз подобрата репутација на компаниите, нивното утврдување на пазарот, препознатливоста од страна на потрошувачите и нивните очекувања за самата компанија. Оттука, кога има добро поставен систем на општествена одговорност, компаниите имаат подобра основа за управување со брендот. Подобрата мотивираност на вработените, како и самата организациска култура врз која влијае општествената одговорност, водат кон поголема продуктивност.


Бидејќи општествената одговорност влијае врз препознавање на ризиците, како и врз подобрување на самиот пазарен потенцијал на компанијата, сето води до полесен пристап до извори на финансирање за самата компанија.


Поради овие причини, неопходен е стратешки пристап спрема концептот на општествена одговорност. Во однос на самиот пристап кон развојот на овој модел, во современи услови се применува моделот за создавање на заеднички вредности, кој се заснова врз усогласеноста со акционерите и засегнатите страни.


Моделот на општествена одговорност е важен за генерирање на конкурентска предност на претпријатијата, бидејќи покрај влијанието на имиџот на претпријатието и подобрената пазарна позиција, влијае и на мотивацијата на вработените во самата организација. Поради тоа, потребна е поголема поддршка од страна на институциите за развивање и пренесување на добри практики на општествена одговорност помеѓу претпријатијата, кои ќе помогнат во подобрување на конкурентноста на претпријатијата како и нивната одржливост.


Овие димензии на влијанието на општествената одговорност се потврдуваат и низ емпириската литература. Имено, Marakova et all (2021) во својот труд воочуваат дека општествената одговорност е еден од факторите што влијае врз конкурентската предност. Всушност, како што претходно беше истакнато, општествената одговорност преку одредени квалитативни аспекти, доведува до подобрување на процесите, кои во краен случај водат кон подобро производство. Потоа, Arslan and Zeman (2014) во свое емпириско истражување укажуваат на позитивното влијание на општествената одговорност врз брендот на компанијата, преку перцепциите и ставовите на потрошувачите. Rettab et all (2009) во нивната анлиза го потврдуваат позитивното влијание на општествената одговорност врз организациските перформанси и тоа во финансиска димензија, димензијата на корпоративната репутација и во посветеноста на вработените, кои се клучни за одржливост на растот и развојот на компаниите.


Во однос на текот на состојбата на општествената одговорност во нашата земја, постојат добри практики кај голем дел од компаниите. Како системски пристап за развивање на општествената одговорност, добро е формирањето на координативно тело за општествена одговорност при Министерството за економија, но потребна е поголема програмска усогласеност на сите нивоа, како и подобрување на капацитетите на самите компании, за апсорбирање на практиките на општествена одговорност.


Ристе Костовски


Jan 1

2 min read

0

28

bottom of page