top of page

Пркосни млади умови, повоен Њујорк и пролеана крв: Бит-генерација

Dec 30, 2024

3 min read

1

11

Периодот по Втората светска војна во Америка, а и низ светот, се покажа како плодна почва за многу уметнички, авангардни и револуционерни движења. Едно од нив, наречено Бит-генерација, се истакна како значителен културно-книжевен феномен. Делата на мал број пионери оставија длабок отпечаток на американската култура и политики. Корените ги засадија во Њу Јорк Сити, а потоа продолжија да цутат и во многу северноамерикански области.


Главните фигури, директно поврзани и одговорни за создавањето на движењето се Лусиен Кар, Ален Гинсберг, Џек Керуак и Вилијам С. Бароуз, особено Гинсберг, Керуак и Бароуз, коишто до ден денес се познати за нивните книжевни дела и севкупно влијание. Кар, од друга страна, е помалку познато име во плејадата на млади писатели, но сепак во себе носи еднакво голема важност.

Вилијам Бароуз
Вилијам Бароуз
Лусиен Кар
Лусиен Кар
Ален Гинсберг
Ален Гинсберг
Џек Керуак
Џек Керуак






Четворицата, и покрај различните позадини и шаренолики секојдневија, биле претставници на една заедничка кауза – потребата за нов општествен, уметнички и интелектуален поредок. Лусиен Кар, со својата харизма и неистрошна енергија ја игра улогата на социјалното лепило што ги спојува сите заедно. Ален Гинсберг, најмлад во дружината, поет со тешка семејна позадина што наоѓа советување и инспирација кај постарите пријатели. Џек Керуак, амбициосен романсиер запишан на Универзитетот „Колумбија“ со фудбалерска стипендија, ја игра улогата на нетрадиционалниот слободен дух опседнат со потрагата за бескрајна авантура и извонредност. И покрај намерното вплеткување од страна на Кар, тоа што навистина ја зближува четворката е нивното нескротливо незадоволство со постоечкиот конформизам, заедничката љубопитност и најважно, писателскиот дар што бил присутен кај сите. 


Иако истомисленици на скоро секој основ, нивните студентски години сепак биле подложни на разни немири. Главниот настан што севкупно го променува текот на нивните животи е убиството на Дејвид Камерер – познаник од внатрешните кругови на Бароуз и Кар. Според извештаите, Камерер бил постар маж тешко опседнат со Кар. Го следел низ многуте градови каде што Кар живеел низ годините. По остра расправија што преминала во физичка пресметка, Кар прво го прободел па удавил Камерер во реката Хадсон. Најпрво им признал на Керуак и Бароуз, што ги утврди како помагачи на убиството. Потоа признал и пред локалните органи, тврдејќи дека убиството било во самоодбрана. Гласини за инцидентот се шири и доведува групата да е асоцирана со бунтовништво и неконформизам, долго пред нивните индивидуални кариери да започнат. На Кар му беше пресудена затворска казна за убиство без умисла, по што Кар се отстранува од првичната четворка. Дури и по неговото ослободување 2 години подоцна, тој не им се враќа.


Различните иднини на Гинсберг, Бароуз и Керуак биле исполнети и со слава и со озогласеност, а контроверзните настани во нивните животи биле навидум неизбежни.

Дејствијата поврзани со нивниот здружен студентски живот, како и настаните од ноќта на убиството, се детално опишани во романот со име „И нилските коњи беа зовриени во своите аквариуми” (And the Hippos Were Boiled in Their Tanks). Имено првото официјално дело на Керуак и Бароуз, поглавјата биле пишувани наизменично од двајцата, а сите ликови носеле фиктивни имиња, иако може лесно да се претпостават нивните вистински пандани. Овој роман ќе остане необјавен сѐ до 2008-ма година, 3 години по смртта на Лусиен Кар. Поради одреден договор склучен меѓу Кар и личностите одговорни за наследството на Бароуз, начелно се одлучило ова дело да не биде објавено за време на животот на Кар. 


Иако вистинското времетраење на движењето е едвај 2 децении – 50-тите и 60-тите, тоа станува синоним за незадоволството и алиенацијата што произлегле од цврстите општествени конвенции од тоа време. Изразувајќи се преку пишаниот збор, проза и поезија, претставниците на Бит-генерацијата вложиле тешки напори да се преобрази едноличното секојдневие во нов, искрен и изразит начин на живот. Чест симбол во нивните дела е слободниот, дури и хедонистички пристап кон користење дроги и опојни супстанци, секс, сексуална ориентација и многу други општествени идеи што се прогласени за пороци.  


Понатаму, движењето ја добива формата на критика спрема капитализмот и потрошувачкото општество и се стреми кон антитрадиционализам во литературното изразување. Со сите споменати табу-теми што многу често се среќаваат во нивните дела, го поплочиле патот и за поширокоопфатна издавачка дејност во САД. 


Мила Коруновска, студентка од 4-та година на Филолошки факултет „Блаже Конески“


Dec 30, 2024

3 min read

1

11

bottom of page