top of page

Самоевалуација на кожен меланом: АБЦДЕ класификација

Dec 31, 2024

3 min read

3

48

Кожниот канцер претставува значаен здравствен предизвик во целиот свет, бидејќи има висока распространетост и потенцијално сериозни последици. Сепак, подобро е да се спречи отколку да се лечи! Како студент по медицина, би сакал да нагласам дека редовно тестирање и следење на кожата е неопходно за секој поединец. Според најновите статистики,  кожниот канцер е најчеста форма на малигно заболување во светот, со повеќе од 5 милиони нови случаи годишно. Од нив, малигниот меланом, кој е најагресивниот вид, е одговорен за околу 75 проценти. Светската здравствена организација (СЗО)  истакнува дека ако меланомот се открие во рана фаза, веројатноста за преживување може да биде и повисока од 85 проценти. 




Не секој човек што пуши цигари развива канцер на бели дробови, исто како што не секој што е изложен на прекумерно сончево зрачење развива меланом. Она што ја одредува индивидуалната осетливост на развој на канцер е сложена интеракција на генетските и околинските фактори. 


Малигниот меланом може да започне со генетски мутации во меланоцитите, клетки што произведуваат меланин, пигментот што ја заштитува кожата од штетното влијание на УВ зрачењето. Генетските фактори, како наследена предиспозиција за мутации во која спаѓаат лицата со светол тен, руса или црвена коса и светли очи, во комбинација со надворешни фактори, како што се изложеност на ултравиолетово зрачење, солариум, зачестеност на сончево изложување и географска локација, може да предизвикаат настанување на овие мутации. Со текот на времето, овие мутации може да доведат до нарушување на нормалниот клеточен циклус, појава на спектар патолошки промени и појава на канцер. 



Еден од најчесто применуваните пристапи за самопреглед и проценка на сомнителни кожни промени е методологијата АБЦДЕ. Овој акроним се фокусира на пет основни параметри што може да сугерираат присуство на меланом, кои секој човек може да ги провери во домашни услови со помош на само една светилка.  


Дијагностицирање: АБЦДЕ класификација 


А (асиметрија): Здравите промени на кожата обично се симетрични, додека асиметријата може да биде алармантен сигнал. Нормална, веќе постоечка бемка е во форма на круг или е сферична. Доколку едната половина значително се разликува од другата, тоа е како искривено огледало што укажува на нешто необично. 



Б (borders, граници): Границите на сомнителните промени често се нејасни, како карфиол гледан странично. Наместо јасни и рамномерни линии, ваквите рабови изгледаат неправилно, назабено или како да се размачкани. Некогаш тешко се забележуваат на почетокот, нo со истакнатост на асиметријата доаѓаат повеќе до израз. 



Ц (color, боја): Здравите пигментации вообичаено имаат униформна боја, со отсуство на предоминација на пигмент во една или повеќе центри на бемката. Но, кога бојата на промената варира – кафеава, црна, синкаста, црвена или бела – и особено кога овие нијанси се мешаат хаотично, со предоминација на една или повеќе бои, тоа е јасен знак дека треба да ѝ се обрне внимание.



Д (дијаметар): Промени поголеми од 6 милиметри (приближно колку големина на семка од сончоглед) сериозно упатуваат кон потреба за консултација. Иако не секоја голема промена е опасна, ризикот значително се зголемува со растот на дијаметарот. Ситуацијата станува особено сериозна кога бемка што дотогаш не постигнала толкава големина, брзо се зголемува. 



Е (еволуција): Доколку промените како што се растење, менување форма или боја се проследени со суптилни симптоми – пецкање или чешање, болка или крварење – се аларм што не смее да се игнорира. Овие суптилни симптоми најчесто се главната причина за некој да се посомнева на кожна патолошка промена. 



Заклучивме дека превенција на меланом го намалува ризикот од развој на оваа агресивна болест. Дополнително, негово навремено детектирање ја зголемува шансата за успешен третман. Покрај самопроверка, битно е да не се изостават и превентивните мерки за лична заштита. Освен редовни дерматолошки прегледи, ограничување на изложеноста на сонце,  особено во периодот од 10 до 16 часот кога ултравиолетовото зрачење е најинтензивно, игра клучна улога. Исто така, користење заштитни креми со заштитен фактор 30 или повеќе, водоотпорни и со широк спектар на заштита, како и носење заштитна облека, капи и очила за сонце, се од суштинска значајност. Овие мерки не само што ја намалуваат изложеноста на штетните УВ зраци, туку и ја поттикнуваат свесноста и грижата за сопственото здравје.



Стефан Николиќ, студент по општа медицина, Медицински факултет, Скопје



Dec 31, 2024

3 min read

3

48

bottom of page