top of page

Солидарност: дали протестите во Србија заслужуваат поддршка?

Jan 29

2 min read

2

45

Поминаа неколку недели од несреќата во Нови Сад, кога по пад на дел од железничката станица, животот го загубија 15 луѓе. Еден месец по несреќата, вознемирени и поттикнати од немилиот настан, студентите од Факултетот за драмски уметности во Белград организираа мирен протест во знак на одавање чест и почит на настраданите, барање одговорност и реакција од надлежните институции. На 22 декември, недела, во Белград се случија можеби најголемите протести во поновата историја на овие простори. Протестите беа организирани од студентите, средношколците, академската заедница и граѓанските организации, а според својата големина и енергичност беа на ист, а можеби и повисок ранг во споредба со протестите во 90-тите години од минатиот век во главниот град на нашиот северен сосед. Протестот започна во духот на солидарноста со петнаесетминутно молчење, а како жители на градот на меѓународната солидарност, а пред сѐ колеги, поддршката кон српските студенти е потребна најмногу од морален аспект.


Сакам да верувам во исказите дека овие протести во својата срж се студентски, организирани со млада енергичност и елан, спротивно на тезата дека се политички оркестрирани и финансирани од домашни или странски служби. Колегите студенти од универзитетите во Србија одлучија да го демонстрираат чувството на револт, несогласување и вознемиреност поради несреќата, на улиците и булеварите, а понесени од големата поддршка, тие продолжуваат.


Протестите се примарен чин за искажување незадоволство кога се работи за ваков вид несреќни случки, со надеж дека ќе излезат неправилностите и нерегуларностите на виделина, а неретко и секундарен за искажување револт кога се во прашање ситуации на занемарување или нерешителност за решавање на образовни, економски и општествени проблеми од страна на институциите. Во секој случај, тие треба да претставуваат порака и настојување кон одговори, со нагласено отсуство на немири и оградувања од политичка мотивираност, а дополнително да бидат и простор за размислување за реализација на дополнителен тип акција и барање решенија. 

Протестите во Европа и на овие простори се појавиле одамна, и како општествен крик го искажуваат револтот кон неправдите, политиките и латентноста на надлежните, отпорот кон воени или полициски репресии, а резултираат со целосно позитивен ефект на решавање на прашањата, или бележат значителен печат во аналите на пркосот и искажувањето на слободната и критичка мисла.


Неодамнешните собири и протести за воздухот,  јавниот превоз,  правата на жените, подалечните средношколски и студентски протести во Македонија, Чехословачка, СФР Југославија, Кина, Мексико и низа други во регионот и во светот, се потврда дека младите и граѓаните се тука и будно ги следат општествените процеси, без разлика на својата некогаш ненавремена реакција кон одредени настани и случувања. Во оваа насока, нашите колеги од Србија реагираа симултано, за целосно да го расветлат случајот и причините поради кои беше предизвикан, а ние како нивни колеги во духот на солидарноста искажуваме целосна поддршка кон изразување на бунтовниот студентски порив и револуција. 


Илија Колев, младински активист, дипломиран економист и истражувач


Jan 29

2 min read

2

45

bottom of page