top of page

Студентски културен центар при УКИМ

Dec 18, 2024

4 min read

0

43

Гледајќи ги филмовите како Legally Blonde , Pitch Perfect и PCU, и следејќи ги авантурите од студентските денови на Маршал и Тед од How I met your mother, многумина од нас сме сонувале за времето кога и ние ќе станеме студенти. Живописните кампуси, динамичните групи пријатели и местата каде што секој миг е исполнет со енергија и ентузијазам ни давале перцепција дека студентскиот живот е бескрајна авантура – полн со предизвици, запознавање нови луѓе и создавање спомени што ќе останат засекогаш. И тогаш, кога конечно се наоѓаме во таа улога и над нас натежнуваат големите и тешки книги, сфаќаме дека мораме да си изнајдеме местенце што ќе го чувствуваме како дом, каде ќе бидеме опуштени и ќе имаме време за нас, нашите мисли и ставови, и каде ќе имаме удобен lazy bag на кој ќе можеме да се опуштиме со шолја топло кафе. Во тој контекст, Студентскиот културен центар (СКЦ) станува токму такво катче.


Е сега, малку историјат за тоа како дојде до создавање на нашиот СКЦ - да си знаеме, за да си го цениме. Се почна од една слатка идејна филозофија на Борјан Ефтимов, првиот претседател на УСС-УКИМ. Според него, студентите мора да го чуствуваат студентскиот простор како свој, како дом, како дел од нив, за да се залагаат, борат и настапуваат активистички. Разговарајќи со своите колеги, тој доаѓа до заклучок дека студентите не го чувствуваат факултетот на кој студираат за свој, бидејќи на факултетот тие само слушаат предавања неколку часа, а нивната дружба продолжува во бифе, во најблиското кафуле или други збирни места. Па така, од потребата да се има нешто свое, кое ќе одекнува младост и образование и ќе прави да се чувствуваме како да припаѓаме на академскиот свет, за првпат на УКИМ се споменува името Студентски културен центар. Таа идеја во реалност ја претвора Ева Цветковска, втората претседателка на УСС-УКИМ. Таа решава канцеларијата на УСС да се претвори во СКЦ и отвора јавен повик за архитектско проектирање, за да започне реновација на просторот. За време на нејзиниот мандат, макотрпно се работеше на центарот, за да се прослави со свечено отворање. 


Со свеченото отворање на СКЦ, не се отвори само нов простор, туку и започна ера на духовна и интелектуална кохезија. СКЦ не е само зграда, СКЦ е симбол на заеднички стремежи, амбиции и креативна енергија на студентите. СКЦ е средиште каде што идеите се судираат, се спојуваат и создаваат нови светови. Во вакви простории се раѓа култура на заедништво, каде индивидуалното станува колективно, а секој глас се слуша како дел од симфонија на младоста и визијата. Во СКЦ, времето не се мери во минути, туку во бројот на искри што се разгоруваат – искри на инспирација, соработка и откривање. СКЦ не е само за сегашните студенти, туку е одек и на гласовите од минатото и основа за гласовите на иднината. Во него, секој агол е можност за создавање, секоја врата отвора свет што чека да биде истражен, и секој миг поминат овде е дел од нашиот студентски сон за подобар свет.


Во СКЦ се трудиме да ни живее разговорот и иновативноста, затоа на „обични“ денови сметаме дека групно дискутирање, решавање проблеми, групно учење, па дури некогаш и само разонода, е она што им е потребно на студентите и ги охрабруваме што почесто да нѐ посетуваат. Додека пак на „необични“ денови, Студентскиот културен центар (СКЦ) не е здодевна институција - тој е жива материја што ги поврзува студентите, културата и целата академска заедницата во една целина. СКЦ е место каде што младешкиот ентузијазам, креативност и идеи се трансформираат во настани што ги надминуваат границите на обичното. Во СКЦ се случуваат магии што го збогатуваат студентскиот живот и го прават длабок и полнокрвен. На пример, тука се организираат поетски читања што ги отвораат душите, културни вечери што нè носат низ традициите на далечни земји, проследени со храна од земјата што се претставува, музика и традиција, или пак новогодишни и тематски забави што ја слават радоста на заедничкото постоење. СКЦ раскажува приказни – од работилници што инспирираат личен и професионален развој, до вечери за друштвени игри, каде што преку забава се градат пријателства, а сите ние заедно стануваме посилни.

СКЦ е дом и на иновативни иницијативи – од состаноци на Универзитетското студентско собрание што ја обликуваат иднината на нашите студентите, до проекти со невладини организации што поттикнуваат општествена одговорност. СКЦ не заборава никого. Настаните на кои сме домаќини, на пример последната вечер со друштвени игри за лица со оштетен вид, се доказ за посветеноста на СКЦ кон инклузивност и прифаќање. Духот на СКЦ го носат и филмските проекции, вечерите на книжевни дискусии и незаборавните моменти кога факултетските студентски собранија се претставуваат пред заедницата. СКЦ е простор каде што младите можат да растат, да создаваат и да се пронаоѓаат себеси во средина што ги поттикнува да го дадат најдоброто од себе.


СКЦ е повеќе од само простор. За нас, СКЦ  претставува жариште на енергија, креативност и слобода. Тоа е место каде што се раѓаат соништа, а културата и академската заедница стануваат синоними за живот. Нашата цел е СКЦ да стане јадрото на студентскиот живот.


Адела Асани, секретар на УСС-УКИМ, студентка од втор циклус на Природно-математички факултет

Dec 18, 2024

4 min read

0

43

bottom of page