top of page

Треба ли да ги потрошиме 100-те денари најдени на улица?

Jan 27

3 min read

7

30

Никола Николовски е 28-годишен лекар, вработен на Клиниката за хирургија, со работно место специјализант по абдоминална хирургија. Бидејќи му се доближува триесеттата година од животот, планира да се отсели од станот што го дели со своите родители и помала сестра. Пред една година, бабата на Никола почина, а во аманет му остави 20.000 евра, за кои му рече да ги употреби кога ќе треба да купува стан. Кога ги доби парите, Никола отиде и ги стави на штедна книшка, за да заработува камата за нив, за да, нели, не му ги „изеде“ инфлацијата. Освен станот, со неговите родители го делеше и автомобилот, а поради тоа мошне често влегуваше во конфликт со татко му.


Еден ден, одејќи по улица, здогледа билборд на кој пишуваше – АВТОМОБИЛСКИ КРЕДИТИ до 20.000 евра. Не мислејќи многу, влезе во најблиската експозитура на банката и склучи договор за автомобилски кредит во вредност од 20.000 евра и си купи убав, нов автомобил. Најблиските пријатели го оправдаа земањето кредит, затоа што користењето на наследените пари би значело и прекршување на дадениот збор кон починатата баба. Сепак, никој од нив не размислуваше дека на депозитот во банка заработува 3.5% камата, додека пак на кредитот требаше да плаќа камата од 7%. Што е поентата? Ако д-р Никола ги искористеше парите од бабата, немаше да плаќа камата и ќе заштедеше 3.5% од каматата што мораше да ѝ ја плаќа на банката. Сепак, д-р Никола никогаш немаше слушнато за концептот на ментално сметководство.


Што значи ментално сметководство? Овој поим се однесува на ситуациите во кои на парите им даваме субјективна вредност, наместо да ја прифатиме нивната објективна вредност. Не мора да навлегуваме подлабоко - кои пари полесно ќе ги потрошите, оние 1.000 денари, кои веќе 10 месеци ви стојат во паричникот, или оние 1.000 денари што ги најдовте паднати на тротоарот? Овој концепт е еден од основите на бихевиористичките финансии и економија, кои сакаат да ни укажат на тоа дека човекот не е рационален во своите одлуки и мошне често е воден од емоциите и личните предрасуди. За таа цел, горе ви беше посочен примерот со младиот доктор Никола - наместо да постапи рационално и да ги искористи парите што ги имаше, тој подигна кредит и ќе мора да ѝ плаќа камата на банката. Така е и во низа други случаи, каде што на парите им даваме субјективна вредност, која ни го зашеметува рационалното однесување, и правиме грешка по грешка. На пример, доколку на одмор сме планирале да потрошиме 200 евра, а на последниот ден ни останале 80 евра, најголемиот дел од луѓето ќе ги потрошат тие 80 евра, затоа што веќе ги намениле парите за различни цели и потреби.

Некој ќе рече - зошто е важна оваа појава? Имено, токму при оваа појава, финансиските компании (најчесто банките) и трговците ги прават своите слатки заработки. Сте се запрашале ли зошто токму во лето се рекламираат потрошувачки кредити поврзани со летување? Одговорот е повторно ист – ментално сметководство, односно позајмените пари не ги третираме како наши и полесно ги трошиме, додека добиените пари од некој близок или пак заработените пари, кои подолго ни се наоѓаат на сметка или во каса, тешко ги трошиме затоа што се „вистински“ наши пари. За ова зборува и Ричард Талер, основоположник на бихевиоризмот во финансиите и економијата. Со своите истражувања, тој потврдил дека во најголем дел од случаите луѓето постапуваат ирационално и се оптоварени со лични предрасуди во носењето одлуки.


Стефан Трендевски, студент на Економски факултет Скопје, УКИМ


Jan 27

3 min read

7

30

bottom of page