

Приказ на случај е научно документиран опис на клинички случај, кој претставува редок образовен предизвик во медицинската пракса. Публикациите од прикази на случаи најчесто вклучуваат детали за историјата на пациентот, дијагностичкиот процес, третманот и резултатот, со акцент на елементите што го прават случајот значаен или поучен. Приказите на случаи се мост меѓу медицината и човечките приказни. Тие нè потсетуваат дека зад секоја дијагноза стои живот, надеж и борба. За нас, студентите, тие се поттик да ја негуваме љубопитноста, но и сочувството. Ваквите искуства ни помагаат да истражуваме, да размислуваме, и да се потсетиме зошто сме ја избрале медицината.
Јас се пријавив на Петтата конференција за приказ на случај од светски размери, организирана од Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) на Медицински факултет во Скопје, бидејќи сметам дека преку анализирање вистински случај можам подобро да ја разберам врската меѓу теоријата и праксата, како и да стекнам искуство во научно-истражувачка работа, што ќе ми биде од огромна корист во понатамошната кариера. Натпреварувачкиот дух на конференцијата исто така беше голем мотив. Јас учествував во приказ на случај со редок тумор - липосарком на граден кош кај млада пациентка, случај со застапеност помала од 1%, кој е предизвик како за дијагностицирање, така и за лекување. Лекувањето подразбираше операција, која се изведе на УК за торакална и васкуларна хирургија од страна на искусни и врвни хирурзи, кои не само што го отстранија туморот, туку и се погрижија да го намалат ризикот од постоперативни компликации до минимум, како и да го подобрат квалитетот на животот на пациентката.

За крај, ова беше одлична можност за студентите да научат да изработуваат труд, да пишуваат апстракт, како и да размислуваат критички, да ги развијат своите комуникациски вештини и да добијат можност да го истражуваат она што е непознато во медицината. Приказите на случаи се повеќе од научни трудови, тие се доказ дека секоја битка вреди да се води, а и дека секој пациент заслужува најдобра можна грижа. Благодарност до ММСА, кои го организираа овој настан по светски стандарди и ни дадоа можност да истражуваме и да ги прикажеме резултатите од нашето истражување во еден натпреварувачки дух, кој му даде дополнителен сјај на настанот.

Надица Танчева, општа медицина, Медицински факултет, Скопје