top of page

Што научив од Светскиот здравствен самит во Берлин? - искуство на студентка по општа медицина

Dec 23, 2024

2 min read

6

49

Јас сум Кристина Павлоски, студентка од петта година на општа медицина при Медицинскиот факултет на УКИМ, и потпретседателка за надворешни работи на Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА). Оваа улога ми овозможи не само да се запознаам со предизвиците на македонскиот здравствен систем, туку и да ја претставувам мојата земја на глобални настани како Светскиот здравствен самит. Претходно, работев како национален офицер за јавно здравје и локален офицер за човекови права и мир, што ми помогна да ги препознаам интерсекторските врски помеѓу јавното здравје, човековите права и мирот. Присуството на Светскиот здравствен самит беше дел од мојата визија да се вклучам во креирање на решенија за глобалните здравствени предизвици. 



Имено, од 13 до 15 октомври 2024 година, Берлин повторно беше домаќин на Светскиот здравствен самит, еден од најзначајните глобални настани за јавното здравство. Овој настан собира визионери, креатори на политики, научници, активисти и млади лидери, за да дискутираат и преземат чекори за подобра иднина за светското здравје. Со над 4000 учесници од повеќе од 100 земји, темите беа разновидни и актуелни: климатските промени и нивното влијание врз здравјето, глобалната подготвеност за пандемии, еднаквиот пристап до здравствени услуги и дигитализацијата во здравството. 


Мојата програма на Самитот беше исполнета со сесии за климатските промени и нивното влијание врз здравјето, како и работилници за младите лидери во здравството. Имав можност да поставувам прашања на личности како Алан Дангур, истакнат истражувач за одржливи системи за исхрана и Ана-Марија Беџар, активистка за правото на здравствена заштита. Посебен момент беше дискусијата со Јулиус Емрих, кога зборувавме за тоа како малите земји како нашата можат да бидат дел од глобалните решенија. Овој разговор ми покажа дека не е важно од каде доаѓаш, туку колку си подготвен да го споделиш својот став. 



Покрај официјалните сесии, едно од највредните искуства беше можноста за вмрежување со студенти по медицина од целиот свет. Запознав колеги од различни континенти, секој со свои предизвици и иновации, меѓу кои беа и студентка од Кенија, која работи на проект за подобрување на пристапот до вода, и колега од Финска, кој развива апликација за телемедицина. Секоја размена на идеи беше инспиративна. Овие средби ми покажаа колку младите луѓе можат да бидат двигатели на промени, особено кога ги обединува иста цел. Остварив пријателства и контакти што верувам дека ќе траат долго, а можеби и ќе вродат со заеднички проекти во иднина. 


На Светскиот здравствен самит научив дека здравствените проблеми не познаваат граници и дека соработката меѓу различни сектори и нации е единствениот пат напред.


Сесиите ме инспирираа да работам на решенија за проблемите со кои се соочува нашата земја, како недостигот на доверба во вакцините и пристапот до здравствена заштита. Како студентка по медицина, ова искуство ме потсети дека нашата улога не завршува само во болниците – туку се протега на креирање политики, застапување и меѓународна соработка. 

Светскиот здравствен самит не беше само конференција, туку вистинска платформа за инспирација, која ни овозможи да ги слушнеме оние што го обликуваат глобалното здравство и да го најдеме нашето место во таа слика. Поканувам и други млади да бидат дел од вакви настани. Нивната свежа перспектива и креативност се токму она што му е потребно на светот за подобро утре.


Кристина Павлоски, студентка од петта година на општа медицина при Медицинскиот факултет на УКИМ


Dec 23, 2024

2 min read

6

49

bottom of page