top of page

Џорџ Сорос и британската фунта

Jan 18

5 min read

4

11

Џорџ Сорос
Џорџ Сорос

Шпекулирање со вредноста на одредена валута на девизниот пазар е чест начин за заработка за голем број инвеститори. Процесот се состои од купување одредена валута (примарна валута) и чекање на одредени фактори за таа валута да апрецира, или пак друга валута (секундарна валута) да депрацира, и потоа продавање на примарната валута, за да се купи секундарната валута, со тоа што во тој момент може да се купи поголема количина од секундарната валута. Доколку голем број инвеститори веруваат дека некоја валута ќе девалвира, почнуваат масовно да продаваат количини од неа, што само по себе предизвикува притисок за девалвација. Овој процес е познат како шпекулативен напад на валута. Шпекулативниот напад е дестабилизирачки за една централна банка, доколку таа се обидува да одржи фиксен девизен курс на својата валута. Една од најголемите заработки на ваков начин ја има направено Џорџ Сорос во 1992 година, заедно со неговиот инвестициски фонд Soros Fund Management, која била околу 1 милијарда долари, а реализирана е преку успешно предвидување на депрецијација на британската фунта во однос на германската марка. 


По Втората светска војна, земјите од Западна Европа одлучуваат да започнат со идејата за економска интеграција односно зголемување на можноста за слободно движење преку границите на луѓе, стоки и капитал. Оваа идеја била поткрепена и со желбата преку економска интеграција да се спречи идна војна помеѓу Франција и Германија. Интеграцијата најпрво започнува со француско-германскиот договор на 23 јули 1952 година за јаглен и челик, а потоа на 25 март 1957 година прераснува во Европска економска заедница (ЕЕЗ), чии членки-основачи се Франција, Германија, Холандија, Белгија, Луксембург и Италија. Водени од желбата за поголем економски раст, на 1 јануари 1973 година кон ЕЕЗ се приклучува и Обединетото Кралство заедно со Ирска и Данска. За да се олесни трговијата, дел од земјите-членки на ЕЕЗ, во 1979 година одлучуваат да ги фиксираат своите валути кон германската марка, која, освен британската фунта, била едниствена валута од блокот што имала статус на светска резервна валута заедно со американскиот долар и јапонскиот јен, и со тоа го формираат Европскиот валутен механизам (ЕВМ), кој е претходник на заедничката валута евро, која била воведена во 1999 година. Валутите што стануваат членки на ЕВМ се: белгискиот франк (BEF), данската круна (DKK), францускиот франк (FRF), ирската фунта (IEP), италијанската лира (ITL), луксембургшкиот франк (LUF), холандскиот гулден (NLG) и германската марка (DEM).


Одржувањето фиксен девизен курс бара од централните банки на земјите-членки на ЕВМ често да интервенираат и да ги користат сопствените резерви на странски валути, за да купуваат сопствена валута, или да ги зголемуваат каматните стапки кога има притисоци за депрецијација врз нивната валута, и обратно - да продаваат сопствена валута за странски девизи и да ја намалуваат каматната стапка кога има притисоци за апрецијација на валутата, за да се одржува односот кон германската марка, што кон ЕВМ смее да варира околу 6 %. Одржување стабилен однос е тешко, особено кога економијата се наоѓа во рецесија, кога има природни притисоци за депрецијација, а самата рецесија станува се потешка, бидејќи централната банка не може да ги намали каматните стапки. 


Токму поради претходнонаведените причини, Обединетото Кралство предводено од Маргарет Тачер одбива да стане членка на ЕВМ. Но, при крај на осумдесеттите години на минатиот век, британската економија започнува да стагнира, и ова, заедно со падот на популарноста на Тачер поради нејзиниот предлог за воведување рамен данок, во владејачката Ториевска партија се случува пресврт, и се поголема моќ добива проеврпската струја во партијата предводена од Џон Мејџор, кој се залага за членство во ЕВМ. Во октомври 1990 година, Обединетото Кралство предводено од Џон Мејџор како министер за финансии, се приклучува кон ЕВМ, а во ноември истата година и самиот Мејџор е избран за премиер, по оставката на Тачер.


Но, состојбата со британската фунта при влезот во ЕВМ, воопшто не била поволна, поради фактот што економијата веќе била во рецесија, а инфлацијата во Британија во тој момент била 3 пати поголема од онаа во Германија, што значи реална апрецијација на британската фунта во однос на германската марка, и притисоци за депрецијација на британската фунта. 


За одржување на девизниот курс, Банката на Англија била принудена да одржува високи каматни стапки, правејќи ја рецесијата уште полоша. Освен високите каматни стапки, Централната банка била приморана константно да интервенира на девизниот пазар, купувајќи своја валута и константно трошејќи ги своите девизни резерви.

Сите шпекулатори со валути во тој период, очекувале фунтата да биде девалвирана поради големиот притисок. Еден од нив е Џорџ Сорос, кој заедно со својот фонд во август 1992 година започнува да гради позиција против британската фунта, земајќи кредити во фунти и со нив купувајќи германски марки, и чекајќи да падне вредноста на фунтата.


Сорос до крајот на август имал земено кредити во вредност од околу 1,5 милијарди долари, чекајќи фунтата да девалвира и чекајќи настан што би можел да го искористи како доказ масовно да ја зголеми својата позиција и да се обиде да предизвика домино ефект и валутен напад од инвеститори врз британската фунта. Поводот доаѓа на 16 септември 1992 година, кога во телевизиско интервју, тогашниот гувернер на Германската централна банка Хелмут Шлезингер, изјавува дека некои валути од ЕВМ би можеле да потпаднат под притисок.


Сорос ја користи оваа прилика рапидно да ја зголеми својата позиција против фунтата, земајќи кредити и продавајќи околу 10 милијарди фунти, а набргу и други светски инвеститори се приклучуваат на валутниот напад. Владата на Џон Мејџор и неговиот министер за финансии Норман Ламонт, неуспешно пробуваат да ја стабилизираат фунтата, залудно купувајќи 27 милијарди фунти и зголемувајќи ја каматната стапка од 10% на 12%, и повторно од 12% на 15%. 


До крајот на денот, кој инвеститорите го нарекле црна среда, Британската влада одлучила да го напушти ЕВМ, оставајќи фунтата слободно да флуктуира и намалувајќи ја каматната стапка повторно на 12%. Во следните неколку дена, фунтата изгубила 15% од својата вредност во однос на германската марка и 25% од својата вредност во однос на американскиот долар.


Сорос од падот на фунтата има заработено околу 1 милијарда долари, додека пак штетата нанесена врз британската влада се проценува на 3,4 милијарди фунти. Доброто нешто е што по излегувањето од ЕВМ, Банката на Англија постепено ја намалила каматната стапка од 12% на 6%. Британската економија почнала и продолжила да расте без рецесија наредните 16 години, поради што некои инвеститори го нарекуваат тој ден бела среда. Поевтинетата фунта имала позитивно влијание врз извозот од Обединетото Кралство, и бидејќи Обединетото Кралство има високоразвиена економија, која произведува сопствени технолошки високоразвиени производи, не ги почуствувало тешкотиите од поевтина валута што би ги почуствувале неиндустријализирани земји. За овој раст голема улога игра и фактот дека деведесеттите години се пикот на нафтената индустрија во Шкотска. Британската економија во наредните години зајакнала дотолку што во 1996 година, фунтата вредела повеќе отколку додека Обединетото Кралство било членка на ЕВМ, а британската економија нема да западне во рецесија сѐ до големата финансиска криза.


Иван Трајковски, студент по финансиски менаџмент на Економскиот факултет во Скопје


Jan 18

5 min read

4

11

bottom of page